Советот ги усвои годишниот извештај и завршната сметка на Буџетот на Општина Кочани за 2020 година и буџетскиот календар за 2022 година.
Исто така, Советот ги усвои извештаите за реализација на Програмата за локален економски развој; на Програмата за работа во областа на располагање со градежно земјиште во сопственост на Република Северна Македонија на подрачјето на општина Кочани за 2020 година; на Програмата за изградба на фекална и атмосферска канализација; Програмата за уредување на градежно земјиште на општина Кочани за 2020 година.
Со одлука на Советот, прифатен е предлогот на Советот на Општина Виница за воспоставување соработка помеѓу општините Виница и Кочани и усвоена одлуката за оваа меѓуопштинска соработка.
Во врска со Извештајот за работењето на ТППЕ – Кочани, членовите на Советот реагираа на бројот на интервенциите на отворен простор, кои во 2020 година се 50 % од вкупниот број интервенции на Противпожарната единица, на кои таа ги исцрпува своите човечки, материјални и финансиски ресурси и побараа изнаоѓање начини за санкционирање на прекршителите на законот.
Советот изврши дополнување на Локалниот акциски план за еднакви можности на жените и мажите со мерки за економско јакнење на жени од рурални средини и во социјален ризик.