На 14 ноември, во салата во Мултикултурниот центар во Кочани, Советот на Општина Кочани ја одржа 37. редовна седница, на која ги усвои програмите за изведување ученички екскурзии во основните училишта „Крсте Петков Мисирков“, „Никола Карев“ и „Малина Попиванова“, за учебната 2023/24 година, како и Одлуката за определување зони и пресметковни бодови за утврдување на пазарната вредност на градежно земјиште на подрачјето на Општина Кочани, згради и други градежни објекти на подрачјето на Општина Кочани.

Советниците дадоа зелено светло и на Предлог-програмата за изградба на јавно осветлување во Општина Кочани за 2023 година, што претставува можност за проширување и подобрување на системот за јавно осветлување во општината.

На 37. седница се усвоени и програмите за изменување и дополнување на програмите за 2023 година, за: одржување на јавната чистота; уредување на градежно земјиште; за изградба и одржување на општински патишта и улици; изградба на системи за водоснабдување; изградба на фекална и атмосферска канализација; одржување на локални патишта и улици во зимски услови за претстојната сезона; за активностите во областа на локалниот економски развој, како и Планот за изменување на Планот на програми за развој на општина Кочани, 2023 – 2025 година.

Советот одобри кофинансирање од Општина Кочани за проектот  „Уредување на СРЦ Пониква“, а ги усвои и измените и дополнувањата на Буџетот на Општина Кочани за 2023 година.

За наредната седница го одложи разгледувањето на Извештајот за финансиското работење на КЈП „Водовод“ – Кочани за деветте месеци од 2023 година. Мнозинството не се изјасни позитивно по Предлог-одлуката за основање Јавна општинска установа Младински културен центар – Кочани и по измените на Програмата за заштита на животната средина за тековната година.

Како дополнителни точки предложени пред почетокот на седницата, Советот ги разгледуваше и ја усвои препораката за изведување на химната на Република Македонија во основните и средните училишта, и на почетокот на седниците на Советот на Општина Кочани, како и одлуката за обележување на службените возила во сопственост на Општина Кочани.