Со дневен ред на кој се најдоа четиринаесет точки, од кои најголем дел се однесуваа на завршните сметки на основните и средните училишта, Детската градинка „Павлина Велјанова“, Библиотеката „Искра“, КЈП „Водовод“ и на Општина Кочани, денеска Советот на Општина Кочани ја одржа 37. редовна седница. Сите точки, без особени дискусии, беа усвоени.

Заради подетално информирање на Советот за актуелната состојба со болеста COVID-19, градоначалникот Николчо Илијев ги образложи преземаните мерки за превенција од коронавирусот.

Поради применувањето на мерката за скратување на работното време на кафетериите и угостителските објекти до 18 ч., членот на Советот Јордан Димитров предложи Општина Кочани да ги ослободи овие субјекти од таксата за користење на јавно-прометна површина. Градоначалникот Илијев истакна дека предлогот е целосно прифатлив и по изгласувањето од Советот, општинските служби може да го применуваат за периодот додека ќе важи ограниченото работно време како превентивна мерка од коронавирусот.