Единаесет точки на дневниот ред се најдоа на 36. седница на Советот на Општина Кочани. Членовите расправаа за санитарно-хигиенската и техничката состојба на училишните и на предучилишната установа „Павлина Велјанова“, а дискутираа и за извештаите за успехот и работењето на општинските основни и средни училишта за првото полугодие од тековната учебна година.
Во врска со информацијата за малолетничката деликвенција, советничката Гордана Арсова ја коментираше потребата од подобрување на едукацијата кај малолетниците, со цел позитивно да се влијае врз начинот на нивното однесување. Го поздрави намалувањето на употребата на пиротехнички средства и побара во иднина оваа информација да биде дополнета и со информација од Центарот за социјални работи во Кочани.
Планот за наводнување на земјоделските површини на подрачјето на Општина Кочани, во име на Водостопанство „Брегалница“ го образложи Јане Атанасов, кој истакна дека вештачкото езеро „Калиманци“ досега има акумулирано 30 милиони метри кубни вода, од максималните 120 милиони. Одговорните ќе почекаат до 30 март 2020 година, кога според тогашниот воден биланс соодветно ќе биде ажуриран планот за наводнување.
Покрај извештаите за реализација на програмите на работа на Општинскиот фудбалски сојуз и Сојузот на училишни спортови и за реализацијата на Програмата за одржување на локалните патишта и улици за 2019 година, Советот донесе одлука за утврдување приоритетни проекти во врска со повик упатен од Министерството за транспорт и врски. Со оваа одлука се идентификувани проектите за изградба на дел од потисниот цевковод од водоводната мрежа во Кочани и за замена на старите со нови водомери.
Во голем дел од дискусиите на оваа седница провејуваше жолчна расправа и дисквалификации меѓу соговорниците, по што неколкумина советници опоменаа на внимателност кон нивото на Советот на Општината.