Советот на Општина Кочани, на 31 јануари 2020 година ја одржа 35. редовна седница, на чиј дневен ред се најдоа 32 точки. Членовите на Советот ги прифатија информациите за чистењето на одводните канали и речните корита на подрачјето на општина Кочани во 2019 година; за водоснабдувањето и здравствената исправност и квалитетот на водата за пиење од градскиот водовод и другите водоснабдителни објекти во општината; за пошумувањето и заштита од ерозија на подрачјето на општина Кочани. Тие го усвоија и Извештајот за извршување на Буџетот за четвртиот квартал за 2019 година.

–  Во четвртиот квартал, односно во периодот од 1 јануари до 31 декември 2019 година, даночните приходи се со извршување од над 100 проценти во однос на планираното и во однос на 2018 година, даночното извршување е зголемено за 15 проценти. Неданочните приходи се со извршување во однос на планираните приходи од 90 проценти, а во однос на четвртиот квартал во 2018 година имаме зголемување од 27 проценти. Капиталните приходи се со извршување од 97 проценти во однос на планираното  или 100-процентно зголемување на капиталните приходи во однос на 2018 година. Ставка со најголемо зголемување во однос на 2018 година е продажбата на неизградено градежно земјиште. Вкупниот основен буџет, од планираните 229 милиони е со извршување од 188 милиони 697 илјади денари што е 82 проценти од планираното – образложи на седницата Дејан Рашков, раководител на Секторот за финансирање во Општина Кочани.

Советот на Општина Кочани ја усвои и одлуката за намалување од 20 проценти на висината на надоместокот за уредување на градежно земјиште на подрачјето на општина Кочани, до крајот на тековната година.