Советот на Општина Кочани ја одржа 35 редовна седница на која беа усвоени извештаите за финансиското работење на КЈП „Водовод“ за првата половина од 2015 година и за извршувањето на Буџетот на Општина Кочани за вториот квартал од 2015 година.
Членовите на Советот дадоа зелено светло и за проширување и измена на распоредот на средствата на Буџетот на Општината за 2015 година. Во образложението пред Советот, помошник-раководителот на Секторот за финансиски прашања, Дејан Рашков истакна дека проширувањето се врши поради реализацијата на три донации: 700 илјади денари од Швајцарската амбасада за реконструкција на клонот 4 од Детската градинка „Павлина Велјанова“; 409 илјади денари од Програмата за развој на Обединетите нации за вработување на 11 лица од проектот Општинско корисна работа и 96.530 евра од Националната агенција за европска образовна програма.
Советот ја усвои и Одлуката за донесување Урбанистички план вон населено место за Спортско-рекреативниот центар „Пониква“ и донесе заклучоци за утврдување на изменување и дополнување на блок 2 и блок 7 од ДУП за град Кочани, во зоната за лесна индустрија и мало стопанство.