Советот на Општина Кочани ја одржа 16. редовна седница, чиј првичен предлог-дневен ред од 30 точки беше дополнет со нови три точки.
Мнозинството во Советот ја усвои Информацијата за невремето од 24 јули оваа година во Кочани и настанатите штети од него. Општинските служби соопштија дека во соодветниот рок пристигнале 108 пријави од физички и правни лица, Комисијата извршила увид на оштетените објекти, по што ќе следува проценка и ќе се бара од Владата исплата на отштетата.
Советот ги усвои извештаите за работењето за претходната и годишните програми за работа на основните училишта за претстојната учебна година; даде согласности за формирање паралелки со помал број ученици и комбинирање паралелки во основните и во средните училишта, како и за згрижување поголем и помал број деца во воспитните групи во Детската градинка „Павлина Велјанова“.
Во дискусиите поврзани со полугодишната работа на КЈП „Водовод“, членовите на Советот усвоија неколку заклучоци: јавни институции да не користат брокерски услуги или при користењето провизијата да се ограничи најмногу на 5 %; во рок од 60 дена Комуналното јавно претпријатие да направи анализа за рационализација на бројот на вработените и пресметка на реалната цена на водата и на другите комунални услуги; да се формира штаб што ќе предложи санациска програма за излез од кризата и да не се склучуваат нови договори за користење на геотермалната вода по постојната цена. Советот го утврди како приоритетен за кофинансирање проектот „Намалување на загубите на вода во водоснабдувачкиот систем и искористување на соларната енергија во Комуналното јавно претпријатие во Кочани“.
Советот ја разгледа информацијата во врска со проектот за изградба на Дом за стари лица во општина Кочани, кој е изземен од финансирање од Министерството за труд и социјална политика, кое побарало намалување на сместувачкиот капацитет од 148 на 50. Здружението на пензионери – Кочани, како учесник во изработката на проектот, останало на ставот Домот да го задржи регионалниот карактер. Делејќи го ова мислење, Општина Кочани ќе бара дополнителни решенија за финансирање на изведбата на Домот за стари лица.
Советот донесе одлука за организирање и дефинирање услови за доставување стока, а ги усвои и Правилникот за изменување и дополнување на Правилникот за начинот и условите за користење на службените возила во сопственост на Општина Кочани и полнење на гориво, во чии рамки го изгласа и заклучокот за обележување на овие возила.
Пред почетокот на новата учебна година Советот донесе одлука сите првачиња да добијат основен пакет школски прибор што ќе го обезбеди Општина Кочани.