Членовите на Советот донесоа одлуки за утврдување на вредноста на бодот за пресметување на платите на давателите на јавни услуги, јавните службеници кои вршат административни работи и на директорот и на ЈОУДГ „Павлина Велјанова“ – Кочани, го усвоија Правилникот за внатрешна организација на оваа установа и именуваа член на Управниот одбор од Министерството за труд и социјална политика.
Советот ги усвои измените во тековната Програма за заштита на животната средина, со кои се планира поставување на две нови автоматски мерни станици за загаденоста на амбиенталниот воздух, што значи и финансиско дополнување со 800.000 денари.
Советниците ја усвоија и Предлог-програма за работа на Локалниот младински совет на општина Кочани за 2022 година и предлог-решението за именување членови на Советот за заштита на потрошувачите на општина Кочани.
Советот ги именува и членовите на Управниот и на Надзорниот одбор на Јавното претпријатие за стопанисување, поставување и одржување на јавно осветлување „Светлина КО 2022“, со заклучоци да ја извршуваат работата волонтерски, како и Општина Кочани да спроведува политика на искористување на сончевата енергија со поставување фотоволтаични панели на јавните објекти.
На 12. седница, Советот донесе одлука за проширување на Буџетот на Општина Кочани за 2.250.000 денари во делот на донации, по барање поднесено од ОУ „Свети Кирил и Методиј“, како приходи од „Еразмус плус“ програмата на Европската Унија.
Советниците изгласаа проширување на листата на имиња на улици, мостови, плоштади и други инфраструктурни објекти, на која ги додадоа имињата на Димитриј Ампов, Киро Герасимов и Насе Насев.