Советот на Општина Кочани ја одржа единаесеттата редовна седница на која работеше по пет точки од дневниот ред, одложени од претходната седница.
Членовите на Советот ги усвоија измените во развојните програми и ребалансот на Буџетот, кои доаѓаат како резултат на високите сметки за електричната енергија на Општина Кочани.
Градоначалникот Љупчо Папазов истакна дека со корекциите во овие програми и со формирањето на претпријатието за јавно осветлување, заштедите ќе бидат наменети за проекти коишто ги бараат советниците. Со цел да се зголеми фондот за инфраструктурни проекти, Советот изгласа средствата од ставката за привремени вработувања да се наменат за изградба на улици и патишта и да се испита можноста за ревизија на судската одлука по предметот за патот Крушка – Полаки.
Според стручните служби од Секторот за финасии, ребалансот е креиран според планот на приходи и расходи по програми на основниот и на вкупниот буџет, а основна причина се драстично зголемените расходи за електрична енергија кон добавувачот. Ребалансот е составен од 41 потпрограма и вкупниот буџет е во износ 645.523.000 денари или 891.000 денари помалку од актуелниот буџет. Со ребалансот има 2,5 милиони денари зголемување на средствата за електрична енергија, а Програмата за јавно осветлување е зголемена за дополнителни 9,1 милион денари.
Единаесеттата седница се одржа во Салата на Советот на Општина Кочани, а целосната снимка е достапна на врската: https://www.youtube.com/watch?v=fvkNwWeatK4