На 15 декември, Советот на Општина Кочани ја одржа четвртата редовна седница на чиј дневен ред се најдоа 58 точки, од кои најголем дел предлог-програми и планови за работи во надлежност на единицата на локалната самоуправа и извештаи за работењето во претходниот период.
Членовите на Советот од опозицијата уште на почетокот ја напуштија седницата со образложение дека предлозите за изменување на членовите на управните и училишните одбори немаат правен основ и дека на тој начин се врши груба партизација во сите институции.
Мнозинството во Советот реагираше дека станува збор за законски измени и своевидно барање одговорност од сите што работеле недомаќински и неодговорно.
При разгледувањето на финансиските планови на општинските основни и средни училишта за 2018 година се расправаше за долговите на училиштата за превоз. Советникот Венко Крстевски побара формирање интерна комисија за квалитативна анализа на тендерската постапка за превоз на учениците, а Ѓорѓи Алексов побара извештај за ревизијата во СОУ „Гошо Викентиев“, како најголем должник по овој основ.
Алексов го истакна лошото менаџирање на училиштата, нагласувајќи дека долгот е лоша пресметка на буџетите, во услови кога платите на вработените растеа, а бројот на паралелките се намалуваше.
Градоначалникот Николчо Илијев соопшти дека Општината успеа да постигне договор со директорот на превозникот „АТОМ“ за динамиката на отплаќање на долгот.
– Со преземените мерки се врши анализа на реалните потреби и трошоци за превоз на учениците при што дел од родителите ги повлекуваат барањата за превоз. Со рационално групирање на паралелките, пак, може да обезбедиме работење на училиштето и во една смена – рече градоначалникот Илијев.
На четвртата седница Советот даде согласност за тарифите за снабдување со водата за пиење или водоснабдување и за собирање и одведување на урбаните отпадни води на КЈП „Водовод“ за периодот од 2018 до 2020 година.
Програмите за култура и за спорт Советот ги врати на доработка.