Членовите на Советот расправаа по предлог-одлуката за основање јавно претпријатие за стопанисување, поставување и одржување на јавно осветлување.
– Основањето на ова претпријатие е со цел да ги надминеме проблемите со снабдувањето на електрична енергија. Наместо да плаќаме за потрошената електрична енергија по берзанска цена од 21 денар, да ѝ овозможиме на Општина Кочани да се снабдува со електрична енергија за улично осветлување за 7 денари од киловат. За да нема какви било сомнежи во врска со формирањето на претпријатието, предлагам да донесете заклучоци за ограничувања на надоместокот на членовите на Управниот, Надзорниот одбор и на вработувањата – истакна градоначалникот Љупчо Папазов во образложението пред Советот.
За да се добијат повеќе детали за основањето и работата на претпријатието за јавно осветлување, членовите на Советот се согласија точката повторно да се разгледува идната седница.
На деветтата седница Советот ги усвои извештаите за реализација на Програмата за информатичка и комуникациска технологија; за комуникација; култура; социјална, детска и здравствена заштита; за поддршка во образованието; за Програмата за изработка на урбанистички планови и урбанистичко-планска документација; за Локалниот акциски план за еднакви можности на жените и мажите; за работата на Територијалната противпожарна единица; информацијата за квалитетот и здравствената исправност на водата за пиење од системот за водоснабдување, како и проекцијата за користење на водата за пиење во претстојните пролет и лето.
Советот даде согласност на договорот за примање донација од Фондацијата Песталоци – детско село Троген, Швајцарија; ја усвои одлуката за основање Општински совет за социјална заштита, а воспостави и меѓуопштинска соработка со Општина Гази Баба.
Од дневниот ред на седницата беа повлечени неколку точки, кои наскоро повторно ќе се најдат пред Советот.