Советот на Општина Кочани на 54. редовна седница донесе едногласна одлука отпадот од Виница, Зрновци, Чешиново-Облешево и другите општини во регионот да престане да се носи на Градската депонија кај селото Бели сѐ до отпочнувањето со работа на Регионалната депонија во Свети Николе и до избор на постојан оператор за одржување и затворање на кочанската депонија.
Одлуката беше усвоена по дополнувањето на дневниот ред од страна на претседателот на Советот Лазо Митев, а по барање на граѓаните што протестираат на крстосницата кај селото Бели и го блокираат пристапот до депонијата за комуналните возила од соседните општини.
Пред гласањето се обрати градоначалникот Љупчо Папазов, кој истакна дека Општина Кочани е посветена на реализацијата на конечната цел – затворање на депонијата во Кочани, а еден од важните услови за нејзино остварување е изградбата на Регионалната депонија во Свети Николе, повикувајќи ги членовите на Советот при носењето на одлуките да се водат во тој правец.
На седницата едногласно беше усвоена и иницијатива да се формира надзорно тело кое, како екопатрола, ќе го контролира начинот на собирање и депонирање на отпадот од територијата на општина Кочани.
При донесувањето на овие одлуки, во салата на Советот беа присутни поголем број граѓани, екоактивисти и учесници на протестот.
Во продолжение на 54. седница, членовите на Советот на Општина Кочани ги усвоија развојните програми за претстојната 2025 година, извештајот за финансиското работење на КЈП „Водовод“ – Кочани за периодот од 1 јануари до 30 септември 2024 година, како и програмите за изведување ученички екскурзии за општинските основни училишта „Никола Карев“ и „Крсте Мисирков“.