На 56-тата седница, мнозинството во Советот на Општина Кочани го донесе Буџетот за 2017 година.
– Вкупниот буџет за следната година ќе изнесува 515 милиони 432 илјади 990 денари, а основниот е 212 милиони 714 илјади денари – образложи раководителот на Секторот за финансиски прашања во Општина Кочани, Дејан Рашков.
Опозициската советничка група оцени дека со така распоредените средства догодина Кочани не треба да очекува развој и во 2017 година парите на граѓаните ќе се трошат за непродуктивни цели.
– Не го поддржавме Предлог-буџетот затоа што генерално е проектиран на голем дел непродуктивни трошоци – за општинската администрација и за други оперативни трошоци што не носат развој на општината. Истовремено сакам да ве охрабрам дека овој Буџет неминовно ќе мора да претрпи ребаланс и очекуваме дека новата Влада ќе даде поддршка на Општина Кочани. Сакам да споменам дека во изминатите години недостасуваше поддршката од страна на централната власт, соопшти Ѓорѓи Алексов, координатор на советничката група на опозицијата.
Советот ја разгледуваше и Предлог-одлуката за утврдување на вредноста на бодот за платите на државните службеници во 2017 година, со која висината на бодот ќе остане непроменета и ќе изнесува 76,8 денари.
56-тата седница Советот ја одржа на Пониква, во зградата на Туристичко-информативниот центар.