Започнува реализацијата на проектот „Намалување на загубите на вода во водоснабдителниот систем и искористување на соларната енергија во јавното комунално претпријатие во општина Кочани“, за кој е потпишан Договор за грант од Центарот за меѓународна соработка и развој на Република Словенија.
Вкупната вредност на проектот е 447.872 евра, а грантот е во износ од 223.936 евра, односно 50 % од вредноста на проектот. Останатите 50 % се кофинасирање од Општина Кочани.
Со овој проект во наредниот период ќе се инсталираат две фотоволтаични централи со моќност од 440 киловати и 120 киловати, на кровот на Пречистителната станица во с. Мојанци; ќе се набави опрема за намалување на загубите на вода и ќе се обучи персоналот што ќе работи со таа опрема. Предвидена е и инсталација на водомери на 350 социјално ранливи семејства.
Целта на проектот е со набавка и инсталирање на современа опрема, да се спречат загубите во водоснабдителниот систем, а со производство на струја од фотоволтаичните централи да се намалат сметките за вода на граѓаните на Кочани.