Уредувањето на Детското игралиште кај Атомските згради, каде што се префрлени реквизитите од Градскиот парк – вовчето, два тобогана, лулашки и клацкалки, е во завршна фаза. Деновиве работниците на Комуналното јавно претпријатие „Водовод“ поставуваат песочна подлога и ги вршат последните поправки на теренот, кој децата од овој дел на Кочани наскоро ќе можат да го користат.
Новиот детски парк кај Атомските згради произлезе од потребата за соодветен простор за детска игра, но и од реновирањето на игралиштето во Градскиот парк, каде со донација од „Антура“ се поставија нови реквизити.
Градоначалникот на Кочани, Николчо Илијев, информира дека веќе започна да се подготвува проект за детско игралиште и во Белското маало, каде што пред неколку години постоел парк со борова шума.
– На барање на жителите од оваа населба, ние одговараме позитивно со цел оваа зелена површина да биде максимално корисна за најмладите, но и за возрасните. Овде планираме да бидат поставени детски играчки, клупи и друга парковска урбана опрема – вели Илијев кој за намерите за реализација на проектот разговараше и со жителите од овој крај.
Од вкупната површина, за детско игралиште во Белското Маало ќе бидат наменети 88 м2, а 430 м2 ќе остане тревна површина на која ќе бидат засадени уште 15 нови садници.