Во саботата, на 23 јануари, беше урната уште една од старите градби на улицата „Стево Теодосиевски“ во Кочани.

На просторот којшто е предмет на експропријација, во близина на Спортската сала,  веќе се создаваат услови за почеток на дел од градежните активности што ќе претставуваат подготовка за изградба на новата сообраќајна лента од Двојниот мост до крстосницата во Стришани. Со овие суштински промени, Општина Кочани има за цел да ја подобри   сообраќајната циркулација во централното градско подрачје, кое пак, ќе добие урбан лик.

Заради олеснето движење на возилата, наскоро ќе почне изградбата на три кружни тека на улицата „Тодосија Паунов“, на која се надоврзува „Стево Теодосиевски“. Друштвото за градежништво „Битем“, како избран изведувач, ќе гради кружни текови кај Автобуската станица, кај новата бензинска пумпа на „Лукоил“ и спроти Усова Чешма. За изградбата на овие кружни текови Општина Кочани намени близу 4 милиони денари.

Со нови кружни текови сообраќајот ќе се подобрува и на потегот од Стришани кон излезот на Кочани, пред бензинските пумпи на „Макпетрол“ и „Лукоил“.