Во тек е рехабилитација и реконструкција на 436 м од улицата „Стамен Манов“, на потегот од Зијата до Фабриката за вода – локална акција што Општина Кочани ја реализира според договорот со Институтот за истражување и анализа на политики „Ромалитико“.

Досега е отстранет постоечкиот асфалт, демонтирани се старите рабници и теренот е тампониран. Се очекува фирмата „Стоименов“, како избран економски оператор, наскоро да го постави новиот асфалтен слој.

Реконструкцијата на овој дел од улицата чини близу 5 милиони денари. „Ромалитико“, со проектот „Заедно за просперитетна заедница“ поддржан од УСАИД, обезбедува 40 % од износот, Министерството за транспорт и врски, преку Декадата на Ромите – 1.174.000 денари, а остатокот се средства од Општина Кочани.

Со цел да обезбеди подобра заштита од неконтролирано исфрлање отпад, на коловозот на „Стамен Манов“ кон Фабриката за вода, Општина Кочани ќе постави банкини.