Изградбата на детското игралиште во Трговскиот центар е во завршна фаза. Денеска се поставуваат реквизитите. Новиот терен за детска игра ќе има гумена подна подлога, зеленило, бехатон патеки, урбана опрема и ќе биде осветлен со четири парковски столба.
Со уредувањето на игралиштето чија површина е 460 м2, се одговара на потребите на децата во најпрометниот простор во Кочани. Изградбата на ова детско игралиште се наметна како еден вид завршница на реконструкцијата на Трговскиот центар, кој од пролетва е со нов плочник, осветлување, урбано зеленило и комунална опрема.
Трговскиот центар е петтата локација за нови детски игралишта во Кочани. Веќе се готови игралиштата во Грдовци, на улицата „1 Мај“ во Белското Маало и во населбата Драчевик кај социјалните згради. На малата инсталација спроти Ветеринарната станица, ќе биде поставен нов асфалтен слој на теренот пред станбените згради.
Паралелно со детските игралишта се уредуваат и повеќенаменските во Грдовци и Прибачево, а реконструкцијата на игралиштето во Тркање е завршена.
Сите овие јавни терени се градат со средства од Буџетот на Општина Кочани, а се издвоени и 3 милиони денари за реконструкција на останатите игралишта во градот и во населените места, како и за целосна реконструкција на детското игралиште во населбата Бавчалук.