– Идејата е делото да го опишува главното стопанско богатство на Кочани, оризот – од повеќе аспекти. Целта е тоа да биде популарно – за обичниот читател, а едновремено и добар репрезент на Кочани – рече градоначалникот Ратко Димитровски на првичниот состанок со составувачите на делото.
Според нацрт-концептот, делото ќе има пет поглавја: за историјатот, потеклото и карактеристиките како земјоделска култура; за практичното одгледување на кочанскиот ориз; оризот како здрава храна и традицијата и културата поврзани со него како и за Институтот за ориз и неговата улога и значење во одгледувањето на оризот… Значајно место во публикацијата ќе имаат и фотографиите, а со цел да се изработи квалитетно издание, Општина Кочани ги повикува сите граѓани кои поседуваат значајни документи, податоци и фотографии, да дадат свој придонес во него.
Според првичните планови, содржините за кочанскиот ориз ќе бидат сместени на околу двесте страници на А4 формат. Во изработката на делото се вклучени проф. д-р Даница Андреевска, проф. д-р Добре Андов, Илинка Атанасова, Љубинка Ајтовска и Ванчо Петров-Фафа.