На 28 јуни, во холот на ООУ „Свети Кирил и Методиј“ во Кочани, се одржа втората сесија од Форумот во заедниците, како дел од активностите во рамките на проектот на УНДП – „Зајакнување на општинските совети“.
Пред присутните беа претставени проектните идеи на тема социјална инклузија и заштита, за кои во периодот меѓу двете сесии, со претставници на работните групи беа развиени предлог-концепти, според посочените форумски правила и критериуми.
– Од работните групи формирани на првата сесија, беа претставени предлог-концептите за формирање социјален клуб, реконструкција на кров на објект од Детската градинка „Павлина Велјанова“ и забавно-рекреативен центар во кругот на ОУ „Малина Попиванова“. Презентираните концепти беа одобрени од Форумот. За идеите од првата сесија кои не се развија во предлог-концепти беа дадени образложенија и препораки до Општината – соопшти Васка Драшковиќ, модераторка на Форумот.
Следната сесија е најавена за септември, до кога ќе се подготвуваат предлог-проектите според образецот на Форумот. На крајот, учесниците ќе ги изберат најприоритетните проекти за кои ќе бидат наменети 50 000 швајцарски франци од проектниот фонд, средства од Швајцарската агенција за развој и соработка.