Се поставуваат темелите на новата детска градинка во Кочани. Деновиве, изведувачот Заедничко вложување „ВИА инженеринг“ од Вевчани ги бетонира темелните основи. Според  информациите на општинските стручни служби, во подготовка е изградбата на вториот дел од нив, додека едновремено се вршат контролни мерења на веќе изградените.

Во изградбата на градинката е вклучена и консултантска компанија, која во текот на работата го следи почитувањето на правилата за зачувување на животната средина од страна на изведувачот.

Подготовките за изградба на овој капитален објект во Кочани доѓаат по две години административна работа и жителите очекуваат Кочани да добие современа градба што ќе ги задоволи актуелните потреби за згрижување и развој на децата од претшколска возраст.

Новата детска градинка во Кочани ќе биде компактен објект, проектиран според најсовремени стандарди – градинка од отворен тип со можност за поширока комуникација меѓу децата и за поттикнување на нивната креативност. Објектот ќе има најсовремена фотокаталитичка фасада која ќе дава ефект на 40 дрвца и ќе го прочистува воздухот во околината на градинката од смог и загадување.

Новата градинка во населбата Драчевик е во рамките на Проектот за подобрување на социјалните услуги кој се реализира од страна на Министерството за труд и социјална политика со финансиска поддршка од Светска банка, со цел да се зголемат капацитетите за сместување на деца од претшколска возраст.

Според најавите на изведувачот, се очекува објектот да биде завршен пред определениот рок.