Во тек се градежните активности на две улици во зоната Лесна индустрија во Кочани.
На кракот од улицата „565“, изведувачот „Стоименов“ работи на изградбата на двата потпорни ѕида, од кои едниот е со должина од 27, а другиот 29 метри. Асфалтирањето на овој уличен крак чија површина е 1015 метри квадратни ќе го подобри приодот кон неколку компании чие седиште е на овој дел во индустриската зона.
Средствата за изградба на оваа улица се обезбедени со Програмата за уредување на градежното земјиште на Општина Кочани за тековнава година.
Паралелно со овие активности, во Лесна индустрија започнаа работите и на улицата „560“, чија изведба е овозможена со средства од Проектот за подобрување на општинските услуги. Таму е планирано асфалтирање на 150 м од улицата, до мостот над магистралниот канал.
Со одобрените средства од Меѓународната банка за обнова и развој, од компонентата Општински инвестиции во градот ќе се асфалтираат и улиците: „Кирил и Методиј“, „Искра“, „Стефка Тасева“ која треба да се поврзе со „Петар Синадинов“ и со „Скопска“. Во месноста Прокарка, на влезот во Кочани ќе се продолжи и со градба на улиците „Скоевска“ и „555“. На дел од нив е предвидена и изградба на атмосферска канализација, потпорни ѕидови и тротоари.
Во наредниот период, градежните активности ќе бидат насочени и кон централното градско подрачје, на улицата „Стево Теодосиевски“, поранешна „Ленинова“. По изборот на изведувач за уривање на старите градби, се очекува да се почне со отстранување на објектите и да се создадат услови за проширување на оваа сообраќајница.