Со средства од општинскиот буџет, а според планираните активности од Програмата за уредување на градежното земјиште, во селата Бели и Нивичани се работи на бетонирање на неколку улици.
Според стручните служби, во Бели е завршено бетонирањето на улицата „Ѓорѓи Бошков“, во должина од 110 м, каде е поставен бетонски слој од 12 см. Оваа улица е споена со соседната и се поставени банкини.
Во тек се активностите за бетонирање на пристапна улица во селото Нивичани, долга 275 м, со ширина од 3 м. Работите ги изведува градежната фирма „Портланд“ од Струмица.
Според најавите, во наредниот период се очекува да се бетонира уште една улица во Бели и пристапна улица во селото Прибачево. Со поставување бетонски слој ќе биде подобрена и улицата „Коста Рацин“ во Кочани.
За бетонирање улици и пристапни патеки, во Програмата за уредување на градежно зeмјиште за 2019 година се наменети 3,5 милиони денари.