Започна асфалтирањето на улицата „Мишо Арсов“ којашто го спојува Кочани преку месноста Пресечена Скала со главниот пат до селото Гратче. Изведувачот, градежното претпријатие „Стојменов“, ќе поставува асфалт на 1414 м, а веќе е изграден тротоар во должина од 200 м.

– Реализираме уште еден проект, правиме уште еден чекор што придонесува за подобрување на квалитетот на животот во руралните средини. Задоволството на жителите од овој дел на Кочани е видливо што нè мотивира да продолжиме со зацртаниот правец за рамномерен локален развој, како во градот, така и во населените места – истакнува градоначалникот Николчо Илијев.

Изградбата на улицата „Мишо Арсов“ и поврзувањето на Оризари со Кочани преку  улицата „Енгелсова“ позната како Пазарски Пат се овозможени со мерката Развој на јавната инфраструктура во рурални средини преку Програмата за финансиска поддршка на руралниот развој. Платежната агенција годинава за овие два проекта одобри  износ од 20 милиони денари. Учеството на Општина Кочани е во висина од близу 4,2 милиони денари.