Почна асфалтирањето на локалниот пат Крушка – Ајдар, во должина од околу 2 км. Бетонирани се пропустите, поставена е дренажата, па стручните служби од Општина Кочани најавуваат дека работите ќе бидат завршени во рамките на предвидениот рок. Во претстојниот викенд, до вторник е забранет сообраќајот за тешките товарни возила.

Првиот дел од патот Крушка – Ајдар се гради со средства од Програмата за финансиска поддршка на руралниот развој, преку мерката Зачувување и унапредување на традиционалните вредности во руралните подрачја. Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој ѝ одобри 15 милиони денари на Општина Кочани за изградба на оваа рурална делница во Кочанско. Локалната самоуправа има обврска да го плати данокот на додадена вредност.

Локалниот пат Крушка – Ајдар води до необично убав предел, недопрена природа во Осоговијата, покрај Бела Река. Асфалтирањето од Крушка до Ајдар ќе ја подобри сообраќајната поврзаност и кон селото Небојани, кое се наоѓа на 1 200 м надморска височина, североисточно од Кочани.

Во овој планински крај лани беше изграден близу еден километар од локалниот пат од Крушка до селото Полаки. Изградбата на оваа рурална делница претставува продолжение на првата фаза и асфалтираните 770 метри, проект кој во 2018 година се најде на Листата проекти за развој на подрачја со специфични развојни потреби за финансирање.

Само за една година Општина Кочани доби вкупно 53 милиони денари од Платежната агенција и од Бирото за регионален развој за нови локални патишта во Кочанско. На овој начин, со средства од државата и со сопствени средства се одговара на потребите на жителите и од руралниот дел во Кочанско што придонесува за зачувување на традиционалните вредности во ова подрачје.