Во организација на Здружението „Афористичка репрезентација на Македонија“, во Центарот за култура „Бели мугри“ во Кочани се одржа Седмата вечер на македонскиот афоризам.

Во пријатна атмосфера, со многубројната публика што го преферира афористичкиот израз, беа доделени наградите на најуспешните афористичари кои годинава твореа на конкурсот на тема Политикоманија.

Според одлуката на жирито, годинава првата награда ја доби Марјан Анѓеловски од Скопје, втората – Витомир Долински од Струга, а третата – Атанас Крлевски од Велес. Специјална награда, Златна плакета за особен придонес за развојот на сатирата и хуморот во Македонија и за афирмација на македонската афористична ризница надвор од границите на нашата татковина му беше доделена на афористичарот Васил Толевски.

На Вечерта на македонскиот афоризам со посебно внимание беше проследен настапот на специјалниот гостин, афористичарот Зоран Јовановиќ од Лесковац, Србија, кој е мошне популарен во регионот со својата  книга со кратки духовити раскази, пишувани на дијалект, под наслов „Вика ми Лејка“.

Овој културен настан чија цел е да го популаризира афоризмот и да поттикнува на творење, е поддржан од Министерството за култура, Општина Кочани и од повеќе  стопански субјекти.