Сто четириесет и пет лица од Кочани се подложени на самоизолација како мерка за спречување на внесување и ширење на коронавирусот. Според Органот за внатрешни работи – Кочани, триесетина се од населените места, а останатите се од градот. Веројатноста нивниот број континуирано да расте е реална. Службите констатирале дека дел од нив не ја почитуваат мерката, за што ќе бидат преземани соодветни мерки.

Градоначалникот на Општина Кочани Николчо Илијев повика да се почитува мерката  на Владата, со која се забранува собирање во група на повеќе од пет лица, во паркови и на други јавни места и површини.

Заради тоа, Илијев упатува повик до сопствениците на кафематите времено да ги затворат овие апарати поставени на локации низ градот. На тој начин ќе се избегне можноста за собирање луѓе во поголема група. Овој повик се однесува и на маалските продавници кои едновремено се користат и како места за консумирање пијалаци и собиралишта на луѓе.

Намалување на можностите за ширење на коронавирусот ќе се постигне и со  несобирање на најфреквентните локации во Кочани, пракса од која дел од жителите на Кочани никако не се одрекуваат. Пред сѐ станува збор за Плоштадот и Градскиот парк, а забележани се активности од поголем обем и на неколку рекреативни терени во градот.

Комуналните служби вршат редовна дезинфекција на јавните површини, а Мобилниот сервис за домашна посета и службите за социјална заштита од Општина Кочани постапуваат советодавно кон граѓаните што бараат помош и ги опслужуваат болните, старите и изнемоштените лица за набавка за храна и лекови.

Градоначалникот на Општина Кочани Николчо Илијев повикува до граѓаните сите да се грижат за јавното здравје и да се однесуваат одговорно.