По објавениот повик за поднесување понуди за набавка на работи од Проектот за третман на отпадни води – Кочани, во завршна фаза е изборот на изведувач. Според тендерската постапка која се спроведува во согласност со Упатствата за набавки на Швајцарскиот државен секретаријат за економски прашања – СЕКО, преостануваат административни процедури со кои наскоро ќе се официјализира изведувачот што ја дал најповолната понуда.
Покрај реконструкција и проширување на канализацискиот систем во Оризари, набавката вклучува и изградба на една линија за атмосферска канализација за одводнување на водата од Кочански Дол.
Со Проектот за третман на отпадни води ќе се градат два нови колектора за канализација кои ќе ги заменат сегашните и ќе бидат конструирани паралелно со нив. Колекторот од десната страна на реката ќе биде долг 788 м, а од левата страна – 998 м.
Од левата страна на Кочанска Река ќе се гради и нов цевковод за собирање отпадни води, паралелен со постојниот.
Потребата за реконструкција на дел од канализацискиот систем во Оризари доаѓа поради големата инфилтрација на подземна вода во двата главни колектора од двете страни на Оризарска Река.
Во тек е постапка за избор на изведувач и за реконструкција на канализациската мрежа во Тркање, со што сите фекални води ќе се поврзат со Пречистителната станица во Мојанци, ќе се решат спорните делници со несоодветна нивелација и ќе се спречи излевањето на фекалните води во Трканска Река.
Во буџетот за рехабилитација на канализациската мрежа што е донација од Швајцарската агенција за развој и соработка, Општина Кочани учествува со 10 проценти.