Општина Кочани отвори постапка за јавна набавка за избор на изведувач за реконструкција на седум улици во градот.
Поради лошата состојба во која се наоѓаат одредени делови, во Програмата за уредување на градежното земјиште за 2020 година е предвидена реконструкција на улиците: „Четврта македонска бригада“ (260 м), два крака на улицата „Маршал Тито“ (крак 1 – 90 м и крак 2 – 130 м), „Илинденска“ (250 м), „Плачковица“ (190 м), „Коста Рацин“ (220 м) и „9 Мај“ (570 м).
Јавната набавка ќе се реализира со поедноставена отворена постапка, ќе се спроведе со користење електронски средства преку Електронскиот систем за јавни набавки, а ќе заврши со е-аукција, како последна фаза за доделување на договорот. Критериум за избор е економски најповолната понуда.
Доколку работите се одвиваат според планираната динамика, во март може да се очекува почеток на овие градежни работи во Кочани.
Според планирањата на Општина Кочани, во текот на 2020 година ќе се реконструираат и улиците „Раде Кратовче“ на потегот од плоштадот до Бавчалукот, „Гошо Викентиев“ (кај Колор) и левиот крак на „Тодосија Паунов“, паралелно со десниот реконструиран дел.