Локалниот пат што го поврзува Кочани со Мојанци ќе се реконструира.
Градоначалникот на Општина Кочани, Николчо Илијев најавува дека средствата утврдени според извршената пресметка се обезбедени од Швајцарската агенција за развој и соработка, со чија финансиска поддршка се реализира и изградбата на Пречистителната станица во Мојанци.
Според информациите на стручните служби, проектот е изработен од Општина Кочани. Реконструкцијата на патот ќе се изведува од преминот преку железничката пруга кај „Антура“, до влезот во селото Мојанци, во должина од 3,2 км. Патот ќе се прошири до 4,5 метри, а ќе се изгради и тротоар со ширина до 1,5 метар.
Во наредниот период се очекува да се реализира јавната набавка, со која ќе биде избран изведувач на градежните работи.
Реконструкцијата на овој локален патен правец ќе овозможи поквалитетен приод до трите села што гравитираат на овој крај, Горни Подлог, Долни Подлог и Мојанци.