Се работи на дефинирање на поголемо корито со широчина од 12 до 15 метри, а во него помало коешто ќе ја прифаќа водата. Изведувачот го гради кејот од масивни бетонски ѕидови со висина од 2 до 3 метри, кој на одредени делови ќе има бетонски скали и каскадни решенија. Надвор од главното корито, на десниот брег од реката е планирана патека со широчина од 3 м, од кои 2 м се наменети за пешаци, а останатиот дел е предвиден за зелен појас.
– Со реализацијата на овој проект ќе се подобри и пропусната способност на речното корито, кое ќе се ослободи од обрасната вегетација и импровизирани објекти. По целата должина на регулираното речно корито од двете страни ќе се постават канделабри, клупи и метални корпи за отпадоци. Очекувам да добиеме пријатен простор со нови содржини за одмор и рекреација за различни генерации – вели Николчо Илијев, градоначалник на Општина Кочани.
Договорот за реализација на проектот изнесува 14,4 милиони денари, од кои грантот од Проектот за подобрување на општинските услуги е 10,6 милиони денари, а учеството на Општина Кочани е 3,8 милиони денари.
Изведувач на работите е Здружено вложување – АГП од Свети Николе и Промонтинг од Скопје.