Посетата претставува еден дел од културната размена меѓу двете општини, во која беа вклучени Ансамблот за танци, музика и игра „Митко Алексов“ од Кочани и Фоклорниот ансамбл „Љупчо Сантов“ од Оризари, кои со своите настапи беа дел од неколкучасовна програма.
– Средбата со градоначалникот на Општина Гоце Делчев и со неговиот заменик, Владимир Москов и Валериј Сарандов беше можност да се запознаеме со реализираните проекти со средства од фондовите на Европската Унија и да разговараме за идно заедничко аплицирање со проекти од Програмата за прекугранична соработка. Пренесените искуства од оваа пријателска општина се значајни за надградување на натамошната соработка – соопшти Николчо Илијев, градоначалник на Општина Кочани.
Посетата е активност во рамките на проектот „Нашето заедничко минато – патека за заедничка иднина“, финансиран од Европската Унија, во рамките на вториот повик на ИНТЕРРЕГ ИПА Програмата за прекугранична соработка помеѓу Бугарија и Македонија, во кој проектни партнери се Центарот за развој на Источниот плански регион и Општина Гоце Делчев. Со овој проект во Кочани е реализирана реконструкцијата на Мултикултурниот центар.
Возвратна посета се очекува во јули, а културните настани се планира да се вклопат во манифестацијата „Петровденски конаци“.