Почитувани,

Во врска со информацијата објавена на 11 јули 2023 година на Канал 8 ТВ под наслов: „Две години Планинарскиот дом на Пониква не е во функција – стои празен, а околината е запуштена“, Општина Кочани како краен корисник на резултатите од проектот „Планински велосипедски рај“, упатува реакција во врска со дел од изнесените тврдења.

Влезната врата од Планинарскиот дом сѐ уште е заклучена, затоа што вкупните активности од проектот „Планински велосипедски рај“ не се завршени и покрај тоа што планираниот рок за имплементација на проектот е истечен. Истиот беше финансиран од грант на ЕУ и администриран од страна на Светска банка, преку Кабинетот на заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања.

Околу 10 % од планираните активности не се завршени, поради што Планинарскиот дом како објект не е предаден на управување на Општина Кочани од страна на Единицата за спроведување на Проектот за локална и регионална конкурентност.

Од самото почнување на реализацијата на проектот, Општина Кочани континуирано реагира за динамиката за реализација; рокот беше продолжуван во повеќе наврати, но проектот – остана незавршен. По реакциите што ги упативме до сите релевантни институции, дел од нив се заложија за конечна финализација на проектот.

Општина Кочани презема континуирани активности и очекува целосниот проект да биде завршен, а со тоа да може да го стави во функција Планинарскиот дом.

Слична е состојбата и со објектот на новата градинка во населбата Драчевик, чиј инвеститор е Министерството за труд и социјална политика. И покрај завршените рокови за градба, објектот е изграден, но се констатирани низа недостатоци и пропусти во изведбата. На последниот увид на градинката, на кој присуствуваа претставници на МТСП, Општината, изведувачот и надзорот, констатирано е протекување на повеќе места, влага на ѕид, оштетување на фасадата и др. Бевме известени дека е даден рок на изведувачот за отстранување на забелешките и е задолжен нов изведувач што ќе ја санира фасадата, за да може и овој објект да се стави во функција.

На крајот на реакцијата, би сакале да истакнеме дека кога се изнесуваат одредени тврдења, потребно е пред објавата тие да се проверат и доточнат за да ја отсликаат реалната ситуација.

Со почит, Општина Кочани