ЈАДИ, ЈАДИ РАТКО ДОДЕКА ТИ Е СЛАТКО!

Во повеќето природни вредности со кои може да се пофали Кочанскиот регион, значајно место има локалитетот Раткова Скала. Карпестата убавина, наградена со редок растителен и животински свет, го набљудува регионот од надморска височина од 1.250 метри.

Воодушевувањата од неа ни ги пренесуваат љубителите на здравиот живот и чистата средина, младите рекреативци кои драгоценото викенд време го користат “за полнење на батериите”. Тргнаа од Пантелеј, од каде што почна и нашата серија написи за природните вредности на Кочани, а запираат на Раткова Скала.

 

– Ова беше еден невообичаен марш на ПСД “Осогово” до Раткова Скала во кој учествуваа 31 планинар, за среќа 27 од нив беа деца, раскажува за идејата нивниот водич Сашко Стефановски. За пофалба е тоа што имаме се повеќе средношколци кои можеме да ги оттргнеме од секојдневието и да ги посветиме на убавините што не окружуваат. На 10-12 километри од селото Пантелеј, во правец на североисток се наоѓа голем карпест отсек познат како Раткова Скала.

Легендата вели дека во многуте пештери во таа скала имало орлови гнезда каде се изведувале мали орли, а во некои имало пчели. Се претпоставувало дека таму биле закопани и многу богатства од античко време. Мештаните од тој крај раскажувале дека оваа скала го добила името по некој Ратко кој често се качувал во пештерите да вади мед. Секој ден останувал се подолго и подолго. Тие го предупредувале да не јаде многу мед, за да не му се слоши. Му викале: – Јади, јади Ратко додека ти е слатко! Еднаш прејал, па му се слошило и паднал во провалијата, од височина од околу 300 м. По него останало името Раткова скала.

Оваа чудесна творба на природата е интересна за планинарите-качувачи или високогорци, за обичните планинари и за сите рекреативци кои малку од малку можат да издржат физички напор. И оние што не можат да и одолеат на љубопитноста, но не и на пешачењето, можат да дојдат со превоз до 500 метри од карпата. Едноставно таа е достапна за секој. Убавините на Раткова Скала се во атрактивноста на карпата. Самиот отсек е огромен. Дното на карпата е на околу 1000 м надморска височина, а врвот на повеќе од 1.250 метри. Околината е шаренолика. Се мешаат дабова шума, габер, бука и иглолисни дрвја. Се до карпата е питом терен, напролет послан со планинско цвеќе. По стрмнините, рекичките прават мали водопади.

Раткова Скала дава прекрасен видик на историското место Свиланово, каде загинал Никола Карев, но и кон Пробиштип и Злетово. На тој дел се распознаваат неколку локални рудници за неметали кои во моментот не се активни. Инаку, целиот тој терен е карпест. Тоа се вулкански карпи што значи богатство од минерали и руда. Од другата страна почнува Кратовско-злетовскиот дел, а овде во минатото минувала и маршрутата на трите манастири: Свети Јоаким Осоговски, Свети Гаврил Лесновски и Свети Пантелејмон. Ова е фантастично место и за параглајдери, бидејќи оттаму може да се лета директно во Пробиштип. Раткова Скала ги има сите перформанси да биде туристичка мета. Таа сe уште е безбедно место за живот на орлите и мотив за многу истражувачи на флората, но и на карпестата уметност.