Општина Кочани го распиша конкурсот за доделување 30 стипендии на студенти, жители на Кочани. Десет стипендии ќе бидат наменети за студенти од социјално загрозени семејства, по пет за студенти од ромската етничка заедница и за студенти на факултетите за медицински науки, а останатите стипендии за студенти кои постигнале висок успех во студирањето.
Доколку на јавниот конкурс не се пријават студенти од ромската етничка заедница, студенти запишани на факултети за медицински науки или нивните пријави се оценети како неприфатливи, стипендиите распределени за овие категории, градоначалникот може да ги додели на студентите од социјално загрозени семејства пријавени по јавниот конкурс кои ги исполнуваат условите за доделување стипендија, според редоследот на рангирање по бодови согласно изготвената ранг-листа.
Месечниот износ на општинската студентска стипендија е 3 илјади денари, а се доделува за десет месеци.
Како дефицитарни кадри за студиската 2019/2020 година, основ по кој кандидатите можат да добијат пет бода, се утврдени студентите на: Технолошки факултет, Текстилно инженерство, Ветеринарство, Mузичка уметност (виолина и виола), Хемија и Биологија.
Пријавата и потребните документи се поднесуваат до Едношалтерската канцеларија на Општина Кочани или по пошта на адреса: Општина Кочани, ул. „Раде Кратовче“ бр. 1, Кочани, најдоцна до 6 декември 2019 г.
Условите, критериумите за доделување на стипендиите, начинот и обрасците за пријавување се објавени на веб-страницата на Општина Кочани, kocani.gov.mk, како и на огласната табла пред општинската зграда.