Реализацијата на оваа сообраќајна врска којашто поврзува населено место со туристичка локација, со своето присуство ја поздравија заменик-претседателот во Владата на РС Македонија Љупчо Николовски, министрите за внатрешни работи и за транспорт и врски Оливер Спасовски и Благој Бочварски, заменик-министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Трајан Димковски, директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој Никица Бачовски и директорката на Центарот за развој на Источниот плански регион Зуица Ангелова. Посетата до манастирот беше во придружба на митрополитот на Брегалничката епархија г. Иларион.
– Успеавме да реализираме иницијатива на жители на Оризари стара три децении и на тој начин да градиме доверба и задоволство кај граѓаните. Оваа сообраќајница ја олеснува комуникацијата во овој предел и создава нови можности за рурален развој – туристички и земјоделски. Овој проект уште еднаш ја потврдува нашата заложба за рамномерен локален развој – рече Илијев.
Градоначалникот истакна дека реализираните проекти се резултат на постојаното зголемување на капиталните инвестиции во Буџетот на Општина Кочани. Илијев додаде дека во 2021 година 65 % од основниот буџет или 190 милиони денари се наменети за капитални инвестиции со коишто Кочани ќе го смени ликот и ќе ги подобри условите за живот на сите граѓани.
– Пред три години кога разговаравме за овој проект, многу општини имаа нереализирани проекти, а Програмата за рурален развој беше во износ од 38 милиони евра. Денеска се гледаат резултатите – 204 проекти со 38 милиони евра – улици, патишта, канализации, а посебно значајно е што имаме многу проекти со кое се поврзуваат населени места со туристички локалитети. Се надевам дека и во наредниве години ќе бидеме сведоци на проекти коишто значат многу за овој крај – истакна вицепремиерот Николовски.
Изградбата на патот ја поздрави домаќинот на манастирскиот комплекс Стефан Смилков, кој истакна дека патот ќе го заживее манастирот и во него ќе доаѓаат и верници и туристи.
Патот од Оризари до Добра Вода е со должина од 2 км и ширина од 3,5 метри. Неговата изградба е со проект на Центарот за развој на Источниот плански регион, а средствата се одобрени од Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој преку мерката „323“, со кофинансисрање и од Општина Кочани, а во вкупен износ од 14 милиони денари.