Во присуство на премиерот на Република Македонија, Никола Груевски, денеска во Кочани беше пуштен во употреба новиот современ погон за преработка на ориз – „Левидиагро“, сместен во фабриката „Жито ориз КО“.
Станува збор за турска инвестиција во висина од 4 милиона евра, фабрика со најсовремена технологија за сушење и лупење на оризот, чиј капацитет 36 илјади тони на годишно ниво.
– Со „Левидиагра“, но и со натамошната соработка со кооперантите од новите земјоделски задруги во Кочанско, очекуваме подобар пласман на кочанскиот ориз на турскиот пазар, рече во своето обраќање градоначалникот на Кочани, Ратко Димитровски.
– Македонскиот ориз има висок квалитет. Свесни сме за потенцијалот и инвестицијата е насочеана за развој на оваа земјоделска гранка во Македонија. Со производниот капацитет, покрај тоа што ќе го снабдиме домашниот пазар со висококвалитетен ориз, уште и ќе ни овозможи да одговориме на потребите на европските пазари. „Левидиагро“ се обидува да воспостави нови односи со земјоделците. Тука е нашата финансиска поддршка на земјоделските задруги и за нивно непречено функционирање. Вложивме средства во сопствена лабореаторија за проверка на квалитетот на оризот, а наскоро започнуваме соработка со Институтот за земјоделство за заеднички контроли на квалитетот, рече управителот на „Левидиагро“, Али Созер.
При денешната посета на Кочани, премиерот Никола Груевски ја посети и населбата Драчевик во Кочани, каде се гради новата социјална зграда со 43 станбени единици за социјално ранливи семејства од Кочани. Исто така направи увид и во градењето на училишната спортската сала во Оризари, која наскоро ќе биде пуштена во употреба.