На 31 август, пред почетокот на учебната 2016/17 година со пригодна свеченост беше пуштена во употреба реновираната училишна зграда во Подлог.
Училиштето се реконструираше со грант од Владата на Јапонија, од областа на солидарноста и човековата безбедност. Добиените средства во висина од 70 479 евра се наменија за нов кров, фасада, под, варосување, врати и прозорци.
На свеченоста присуствуваше Тацуро Хајаши, советник од Амбасадата на Јапонија во Виена.
– Навистина ми е чест што сум тука и што Јапонија може да придонесе за закрепнување од штетите од поплавите. Убеден сум дека соработката помеѓу нашите две земји ќе биде уште повеќе зајакната преку овој проект. На почетокот на идната година во Скопје ќе се отвори јапонска амбасада. Ќе имаме повеќе можности да имаме повеќе размени помеѓу нациите на двете држави. Се надевам дека пријателството и соработката помеѓу нашите две земји ќе биде уште посилно – рече советникот Хајаши.
– Со реконструкцијата на училиштето се санираа оштетувањата на зградата настанати од поплавата минатата година. Добивме објект што обезбедува квалитетни услови за работа и учење, објект во кој нема да биде загрозено здравјето на учениците и учителите. Овој грант е мотив повеќе да се грижиме за условите за учениците во руралните средини и да ги подигнеме стандардите на работа и учење на ниво какво што имаат учениците во развиените урбани средини, рече директорката на ОУ „Св. Кирил и Методиј“, Весна Зашова.
Секретарот на Општина Кочани, Петар Апостолов истакна дека ова е втор проект во Кочани, финансиран од страна на Амбасадата на Јапонија. Со првиот што се реализираше во 2013 год. за потребите на КЈП „Водовод“ беше набавено возило за комунален смет.
Во рехабилитираното подрачно училиште во Горни Подлог, оваа учебна година настава посетуваат 135 деца од Горни Подлог, Долни Подлог и Мојанци.