По повод големиот христијански празник Богојавление – Водици, од страна на свештенослужителите од Црковниот храм „Св. великомаченик Георгиј“ од Крушарскиот Мост во Кочани беа осветени водите во Кочанската Река, заедно со Неговото високопреосвештенство митрополитот Брегалнички г. Иларион кој го потопи светиот крст во Кочанска Река.

33- годишниот Далибор Стојанов од Кочани од вкупно пријавените 29-те момчиња беше најсреќниот и успеа прв да го извади Светиот крст од студените води на Кочанска Река, кому градоначалникот на Општина Кочани, Љупчо Папазов му подари златник.

– Четиринаесет години скокам по Светиот крст и ова ми е втора среќа како крстот е во мои раце. Нека Светиот крст донесе многу здравје, радост и благосостојба во домовите на сите христијани. Бог се јави, за многу години Водици христијани – изјави  Далибор Стојанов.