Во петок, на 28 ноември, во Центарот за култура „Бели мугри“ во Кочани ќе биде промовирана стихозбирката под наслов „Љубовна сиромаштија“ од Аника Илијевска Ѓорѓиева.
Станува збор за трето поетско дело на Илијевска Ѓорѓиева, за кое рецензентот Митрополит Методиј Златанов ќе рече дека е составено од песни-пароли или песни-крикови. Со нив таа „посега кон длабочините на човековата страдална егзистенција и ја растреперува суптилната срцевина на богочовекољубието“.
– Со песните од „Љубовна сиромаштија“ сакам да пренесам извесни пораки за сфаќањето на животот. Насловот упатува на тоа како јас моментално го доживувам светот и животот: имаме сѐ, но ни недостига љубов, во општа смисла на зборот. Во секоја песна настојувам да ја потенцирам верата кон Бога, милосрдието, смирението, правдата, вистината… Се надевам дека стиховите ќе допрат до читателите и ќе влијаат позитивно на нив, вели Аника Илијевска Ѓорѓиева.
Авторка на „Љубовна сиромаштија“ досега има објавено две поетски збирки: „Време во рамка“ (1997) и „Гледачи на земја“ (2001), а освен поезија го негува и краткиот расказ и сатирата.