В понеделник, на 30 септември 2019 г., со промоцијата на втората книга од едицијата под наслов „Богатство запишано во времето“ од Киро Герасимов, почнува 28. издание на манифестацијата „Денови на кочанскиот ориз“.
Делото содржи 43 репортажи, новинарски записи и белешки за настани, луѓе, места од минатото на Кочани, претходно објавени на различни локални и национални медиуми. Посебно место во книгата Герасимов им отстапува на кочанци кои со својата мисла и дело оставиле вистински траги во локалната историја. Записите за нив се оригинални, пренесени автентично, според нивните раскажувања.
Во оваа книга се запишани и настани од театарското живеење на Кочани, а простор им е отстапен и на здравствените работници и на спортистите преку нивните клубови.
Книгата ги чува и фолклорните традиции на кочанците и Македонците во Словенија, опишани преку работата на Македонското фолклорно друштво „Илинден“.
Втората книга „Богатство запишано во времето“ на авторот, новинар и публицист Киро Герасимов е отпечатена со средства од Програмата за култура на Општина Кочани за 2019 г.
Промоцијата ќе се одржи во Салонот на кат во Центарот за култура „Бели мугри“, со почеток во 19 ч.