Претставници на проектните партнери – Центарот за развој на Источниот плански регион и општините Кочани и Гоце Делчев од Република Бугарија, на 17 декември 2019 г., одржаа промотивна прес-конференција за проектот „Нашето заедничко минато – патека за заедничка иднина“.
Со овој проект преку Програмата за прекугранична соработка во Кочани ќе се реконструира Мултикултурниот центар, а во бугарската Oпштина Гоце Делчев – одморалиштето во локалитетот Попови Ливади на Пирин Планина.
Општините од двете држави добиваат над 560 илјади евра за проекти за унапредување на културата и туризмот.
– Нашата општина доби 213 илјади евра од вториот повик на ИНТЕРРЕГ ИПА Програмата за прекугранична соработка со Република Бугарија, близу 37 илјади евра обезбеди Министерството за локална самоуправа, а 65 илјади евра кофинансира Општината од сопствениот буџет – истакна градоначалникот на Кочани Николчо Илијев.
– Со градоначалниците од Источниот плански регион во Македонија имаме одлична соработка, особено при реализацијата на проекти за кои добиваме европска финансиска помош. Со реконструкцијата на одморалиштето Попови Ливади ќе заживееме важен туристички обејкт – соопшти на прес-конференцијата Владимир Москов, градоначалник на Општина Гоце Делчев.
Претседателот на Советот за развој на Источниот плански регион, Благој Бочварски истакна дека преку Програмата за прекугранична соработка се реконструира Инфективното одделение на Клиничката болница во Штип, што е доказ дека се подобруваат капацитетите за подготовка на проекти со кои се искористуваат парите од европските фондови.