Во организација на Општина Кочани и Јавната општинска установа библиотека „Искра“  денеска беше промовирано делото „Седумте“ од алпинистката, амбасадорка на родовата еднаквост во спортот, екологистка и ликовна уметница Илина Арсова.

На настанот под мотото „Целиот свет ми е дома“, во дворот на „Искра“,  Арсова се сретна со претставници на кочанските планинарски друштва „Москито“ и „Осогово“ и на Извидничкиот одред „Ластовица“, на која разговараа за искуствата, можностите и предизвиците  во планинарењето.

Најновото дело на Арсова, „Седумте“, кое содржи патописи за љубовта, планините и за уметноста, и претставува документ за нејзините патешествија и подвизи што оставија неизбришлива трага во историјата на македонскиот спорт го промовираше Љубинка Ајтовска.

Арсова пред присутните го изрази задоволството од престојот и пречекот во Кочани, раскажувајќи случувања од искачувањата на седумте највисоки врвови на седум континенти и поттикнувајќи ги секогаш да стремат кон повисоко поместување на целта.

Едновремено со овие случувања, ученици од кочанските основни училишта мотивирани од врвните постигнувања на алпинистката Илина Арсова твореа во ликовната работилница под наслов „Инспиративната природа – поттик на еден вљубеник во планинските височини“.

Настанот е реализиран со средства од Локалниот акциски план за еднакви можности на жените и мажите на Општина Кочани за 2022 г.