По повод Меѓународниот ден на литературата за деца – 2 Април, во Библиотеката „Искра“ беше промовирано делото „Насликано време“од авторот Стојан Тарапуза.

– За Тарапуза не постои нешто што не може да се опее, неговата поезија е полна со метафорика, восклик и восхит – рече во претставувањето на творештвото промоторот Горјан Петрески.

– Среќен сум што на Светскиот ден на литературата за деца се наоѓам во Кочани, мојот втор роден град. Овде поминав десетина убави години од мојот живот. Овде, на 27 години ја објавив и мојата прва книга – рече во разговорот со присутните поетот Тарапуза.

Големиот поет, на задоволство на присутните, рецитираше свои стихови за љубовта, природата, за книгите и зборовите.

Во врска со наградата „Ванчо Николески“ за 2014 година, што му ја додели Друштвото на писателите на Македонија истакна дека таа му е посебно драга затоа што со неа добива признание во својата држава. – Ниедна награда не може да ве направи попаметен или поуспешен творец, но таа може да ве мотивира, да ве поттикне и понатаму да творите – рече поетот Тарапуза.