На 14 декември 2019 г., во Центарот за култура „Бели мугри“ во Кочани беше промовирано делото  „Асоцијативите во македонскиот современ јазик“ од д-р Марија Соколова, професорка по Македонски јазик во Средното училиште „Гошо Викентиев“ во Кочани.

Книгата, покрај тоа што ги објаснува асоцијативите како јазична појава содржи и Асоцијативен речник на македонскиот јазик и Обратен асоцијативен речник на македонскиот јазик и споредбена анализа на асоцијативните речници.

– Материјалите што се нудат од овие речници овозможуваат да се создаде јадрото на јазичното сознание коешто овозможува да се пронајдат зборовите кои имаат најголем број асоцијативни врски со другите зборови. Преку двата речника, Асоцијативниот и Обратниот асоцијативен речник на македонскиот јазик, приложени во оваа книга, се прошува истражувањето на јадрото на јазичното сознание за македонскиот јазик – истакна проф. д-р Снежана Веновска-Антевска, научен советник во Институтот за македонски јазик, промотор на делото.

За значењето на книгата говореше и д-р Искра Тасевска Хаџи-Бошкова, доцент на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, според која овој труд претставува солидна основа за различни истражувања на македонската лексика.

Издавањето на делото „Асоцијативите во македонскиот современ јазик“ финансиски е помогнато од Програмата за култура на Општина Кочани.