Синоќа, во Центарот за култура „Бели мугри“ во Кочани, беше промовирана книгата „Аматерски театар ‘Бели мугри’ – Кочани (1967 – 1991 г.)“ од авторот Киро Герасимов.

Герасимов како хроничар на Кочани во ова дело бележи факти поврзани со раѓањето и развојот на театарскиот аматеризам, дава целосен пресек на изведените театарски претстави по сезони, притоа бележејќи ги сите креатори кои учествувале во нивното создавање. Авторот јасно го истакнува значењето на Аматерскиот театар како расадник на таленти, истакнувајќи дека првиот важен чекор во создавањето и афирмацијата на тетарскиот аматеризам му се припишува на Борис Стојчев, кој од 1971 година до пензионирањето во 1987 година бил негов директор. Самиот автор на делото се јавува и како учесник во голем број театарски претстави. Делото изобилува со податоци за реализираните театарски претстави, оперети и куклени претстави, за гостувањата, добиените награди и признанија.

Книгата е отпечатена со финансиска поддршка од Програмата за култура на Општина Кочани за 2021 година.

Промоцијата, како дел од 30. издание на манифестацијата „Денови на кочанскиот ориз“, се спроведе според протоколите за организација на јавни настани.