Шеснаесет илјади поговорки, пословици и народни мудрости запишани на струмички говор, ставени меѓу кориците, под насловот „Мудроста на вековите“, во пресрет на празникот Свети Трифун, беа претставени пред кочанската публика.
За делото и авторот Иван Котев, познат фолклорист, собирач и запишувач на народното творештво од струмичкиот крај зборуваше Ана Витанова Рингачева.
– Собирањето на народното творештво е исклучително тешка работа. Иван Котев многумина го нарекуваат современиот Марко Цепенков, но според бројот на собраните народни умотворби, тој го надминал трипати повеќе, рече Витанова Рингачева.
– Отсекогаш ме привлекува народниот дух, народното творештво. Уште како млад запишував народни песни. Љубовта кон пишување ја носам уште од раѓањето и со тоа живеам, со тоа дишам и запишувам народни песни, приказни, поговорки, пословици, фрази, стари зборови. Во книгата се поместени и околу 2.500 стари зборови и понатаму, сѐ додека можам, ќе работам со исто темпо, рече авторот Котев.
Во пресрет на двата празника Св. Трифун и Св. Валентин, Библиотеката „Искра“ организираше и литературна средба на која членови од Литературниот клуб „Копнеж“ читаа лични творби за виното и љубовта.