Во рамките на одбележувањето на 100-годишнината од постоењето на кочанскиот православен храм, во саботата, на 18 ноември беше промовирана книгата „Црквата Свети великомаченик Георгиј – еден век постоење“ – издание на Општина Кочани.
Автори на делото се Илинка Атанасова и Љубинка Ајтовска, кои направија пресек на историското и духовното живеење на храмот „Свети великомаченик Ѓорги“ и објавија значајни податоци, факти и документи од живеењето на Кочани.
Делото го промовираше професорот на Македонската православна богословија „Св. Климент Охридски“ во Скопје, м-р Александар Атанасов, кој истакнувајќи го значењето на делото нагласи дека со расветлување на генезата на храмот „Свети великомаченик Георгиј“ и хронологијата на формите низ кои опстојувал и се развивал, се развиваат колективната меморија и сознанијата за минатото, сегашноста и иднината.