Книгата за деца „Во светот на палавите епиграмчиња“ од познатиот афористичар Миле Ѓорѓијоски беше промовирана во ЈОУ Библиотека „Искра“ – Кочани.

Промоцијата на книгата беше еден вид работилница на авторот Ѓорѓијоски со ученици од основните училишта „Св. Кирил и Методиј“ и „Раде Кратовче“, кои со поддршка од менторките Љупка Соколова и Светлана Кралова, поставуваа прашања и презентираа епиграми од авторот, но и свои.

Ѓорѓијоски ја претстави својата творечка дејност, нагласувајќи го значењето на оваа книга со илустрациите на Софија Ситновска, средношколка од Македонска Каменица, овогодишна добитничка на наградата „Пјер“ на српскиот весник „Вечерње новости“.

Уникатноста на ова книга е што таа е прво дело за деца што е отпечатено и со фонтот глаголица нова на дизајнерот Ласко Џуровски.

Книгата ја промовираше Љубинка Ајтовска, која истакна дека „Палавите епиграмчиња“ на Миле Ѓорѓијоски напишани со глаголицата на Ласко Џуровски нѐ враќаат кон корените на словенската писменост и култура, а со илустрациите на Софија Ситновска  авторот го апострофира значењето на младите уметници и ѝ дава силна поддршката на младата карикатуристка, отворајќи на тој начин нови можности за идните генерации уметници.