Познатиот афористичар, Јане Атанасов, ја промовираше новата збирка афоризми со наслов „За (не)мирен сон“.
– Насловот е двосмислен, зависно од тоа кој како ги чита и како ги доживува афоризмите, така што за некои може да е „мирен сон“, а за други „немирен сон“. На тие што им е мирна совеста и сонот им е мирен и обратно – го објасни Атанасов насловот на делото.
– Во книгата се собрани 444 афоризми, луцидни забелешки за нашето битисување на овие балкански простори. Со нив Јане Атанасов постојано му дава нови димензии на она што го нарекуваме живот. На аформизмите сместени меѓу кориците на овој „(Не)мирен сон“ ништо нема да им може ни забот на времето. Ќе останат како трајно сведоштво за едно време-невреме, на просториве каде што е тенка границата помеѓу добоото и злото, помеѓу Рајот и Пеколот – истакнува рецензентот на делото, Миле Ѓорѓијоски.
Збирката афоризми на Јане Атанасов е издадена од издавачката куќа „Орион“, како дел од едицијата „Балканска сатира“. Авторот ѝ го посвети делото на својата внука Вања.